
Забавата пред здравјето: И покрај вртоглавиот пораст на новозаболени во земјава, сè уште се организираат концерти и масовни прослави
Во земјава во изминатиот период вртоглаво се искачува бројот на новозаболени, а епидемиолозите велат дека регионот веќе се наоѓа во четвртиот бран на коронавирусот.
И покрај доминацијата на делта сојот кој е многу позаразен од претходните соеви и во пресрет на заострените рестриктивни мерки кои стапуваат на сила од 16-ти август, сè уште се организираат концерти и масовни прослави кои привлекуваат голем број посетители во време на пандемија.
За ова сведочи и написот на „Нова Македонија“ за Инфективното одделение во Клиничката болница кое повторно се полни со пациенти, а упатените велат дека тоа се должи на непочитувањето на мерките и бројните концерти, забави и свадби кои секојдневно се прават во Битола, а некогаш во денот има по неколку забави или концерти.
Тоа што загрижува е што на концертите не се почитуваат мерките и пропишаните протоколи, па присуствуваат многу повеќе гости отколку што е препорачано. Иако инспекциските органи тоа го гледаат, тие не преземаат никакви мерки ситуацијата да се спречи или санкционира. Колку Битола стана атрактивна за српските пејачи најдобра потврда е што досега на Хераклеја, концерти одржаа речиси сите познати српски ѕвезди: Бајага и инструктори, Хари Мата Хари, Сергеј Четковиќ, Аки Ракимовски, Дадо Топиќ, а во Битола гостуваше и Лепа Брена која настапи во новоотворениот ноќен клуб.
Несомнено голем број посетители ќе привлече и настапот на Јелена Карлеуша во Струмица, кој е закажан за 13-ти август и на кој се очекува и присуство на фанови од целиот Балкан.
Ист беше случајот со концертот на Цеца кој се одржа пред 3 дена во Сврљиг, јужна Србија и на кој присуствувале 30.000 лица. Редици автобуси и автомобили од Бугарија, Македонија и Романија пристигнале ден претходно по повод концертот на големата балканска ѕвезда.

Во истовреме, владата организира прослава со 300 гости по повод 20-годишнината од рамковниот договор, само два дена пред ригорозните мерки.
Владата викендов донесе одлука за нови рестриктивни мерки со цел да се спречи ширењето на новиот делта сој на коронавирусот, а истите треба да почнат да се применуваат од 15 август. Согласно новите мерки, нема да има свадби и прослави по 15 август, а во сите угостителски објекти, театри, на концерти и одредени културни настани, семинари и друго ќе може да присуствуваат граѓани кои што имаат потврда за примена најмалку една доза вакцина.
Според министерот за здравство Венко Филипче, овие мерки се предлагаат сосема навремено и се најавувале повеќе месеци наназад.