24sedum.net

24 седум вести портал

Од утре РЕДАР ќе каже кој смее, а кој не смее да пие кафе во кафуле

Од утре стапуваат во сила новите мерки на Владата во борбата со ковид. Онаа која предизвика најмногу негативни реакции и нејаснотии е дека за влез во кафетерии, ресторани или други места на јавни собири, ќе треба да се покаже доказ за вакцина, или две примени вакцини. Заради тоа објектите ќе мора да имаат редарска служба.

Ова е ставено на хартија од Владата, а како ќе изгледа тоа од утре во пракса ќе видиме. Негативните реакции, пред се од угостителите, најавуваат хаос.

Инаку, новите мерки доаѓаат во период кога вчера Министерството за здравство соопшти дека од направени 9.270 тестирања, регистрирани се 792 нови случаи на ковид-19. Од компликации од вирусот починале десет пациенти, а 104 оздравеле. Како и во изминатите денови, најголем број новозаразени се во Скопје – 245, по што следат Тетово – 136, Гостивар – 127, Куманово – 59, Кичево – 42, Струмица – 37.

Пријавените починати лица се на возраст од 33 до 84 години.  Бројот на активни случаи со Ковид изнесува 5.043.
Со оглед на наглиот раст на заболени министерот за здравство Венко Филипче, смета дека ситуацијата може да биде критична, но здравствениот систем е подготвен за новиот бран.    -Вакцинацијата е безбедна, ефикасна и ефективна, порача Филипче при вчерашната посета  на Општата болница во Охрид.

Анализата на МЗ покажува дека од вкупно 3.497 пациенти дијагностицирани изминатите седум дена, 3.047 се невакцинирани, односно само десет проценти се вакцинирани и се позитивни, а тие кои се во болница на лекување имаат прилично стабилна состојба.

Инаку, од утре со дополнувањето на рестриктивните мерки, во угостителските објкети ќе може да влезат и прележани од ковид -19, а тие лица е доволно да поседуваат медицинска потврда дека биле заболени од ковид -19, но само првите 45 дена, сметајќи од денот кога оздравеле.