
Со пасош и потврда од МВР за поднесено барање за лична карта ќе може во банки и штедилници
Во банки и штедилници ќе може и со пасош и потврда од МВР дека е поднесено барање за лична карта
Согласно со мислењето добиено од Управата за финансиско разузнавање, а со заложби за изнаоѓање решение и од страна на Народната банка, надминат е проблемот во врска со непреченото користење на услугите и производите на банките и штедилниците од страна на граѓаните на коишто им е истечена важноста на личната карта, информира Македонската банкарска асоцијација (МБА).
-Согласно со Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, како документ за идентификација на банкарските клиенти, покрај личната карта може да биде земена предвид и патната исправа (пасош). Оттука, граѓаните коишто имаат важечка патна исправа (пасош), а немаат важечка лична карта, услугите и производите од својата банка / штедилница може да ги користат со приложување важечката патна исправа, велат од МБА.
Притоа, додаваат, се имаат предвид и законските одредби, согласно со кои важноста на одредени патни исправи се продолжува до 31.12.2021 година.
-Во случаите кога граѓанинот – постоечки клиент на банка/штедилница не поседува ниту валидна патна исправа – пасош или патна исправа со важност продолжена до 31.12.2021 година, ниту валидна лична карта, за користење на услугите и производите на банката/штедилницата на којашто е клиент ќе може својот идентитет да го потврди врз основ на увид во матичниот број на граѓанинот наведен во потврдата издадена од Министерството за внатрешни работи дека е поднесено барање за издавање на нова лична карта и дека постапката за издавање е во тек. Конкретно, станува збор за потврдата којашто редовно се издава при аплицирање (фотографирање) за нова лична карта, прецизираат од МБА.
Оттаму нагласуваат дека сите банки и штедилници веднаш започнуваат да го применуваат ваквиот начин на идентификување на клиентите коишто немаат валидна (важечка) лична карта, овозможувајќи им непречено користење на своите услуги и производи.