
Луѓе престанете, не сте ни коњи, ни крави!“: Лекарите во Оклахома очајни, болниците им се полнат со предозирани од Ивермектин
Кога пред неколку дена влијателниот водител Џо Роган објави дека е позитивен на коронавирус и дека зема Ивермектин, илјадници Американци побрзале да се снабдат со лекот кој им се дава на коњи, крави и други големи домашни животни за чистење од паразити.




Во САД во последните неколку дена е регистриран пораст на бројот на случаи на предозирање со Ивермектин, а побарувачката за ова ветеринарно средство е толку голема што некои веќе започнале да пријавуваат и недостиг.




За сè е виновен Џо Роган, водител со многу популарен подкаст кој кон почетокот на месецот објави дека е заразен со коронавирус и кој самоволно одлучил да користи Ивермектин, лек за кој американската Агенција за храна и лекови (ФДА) предупреди дека може да биде опасен и да предизвика нуспојави како мачнини, повраќање, дијареја, низок крвен притисок, вртоглавици, напади, алергиски реакции, кома, па дури и смрт, пренесува „The Guardian“.




Кога болниците започнале да се полнат со лесноверни Американци кои одлучиле да се лекуваат од коронавирус со неодобрен лек, се огласил лекар од Оклахома кој апелира луѓето да престанат да земаат лек кој им се препишува на коњи за чистење од глисти.
Поради овој лек кој не е одобрен за употреба против Ковид-19, на пациентите сè почесто им се потребни итни третмани во болниците низ Оклахома, изјавил д-р Џејсон Мекили за „BBC“.
„Со причина мора да имате рецепт за овој лек. Тој може да биде многу опасен“, изјавил Мекили и додал дека случаите на предозирање со Ивермектин создаваат дополнителен притисок врз болничкиот систем кој е веќе „растргнат“ поради пандемијата.