
Вучиќ: Србија од ниkого ништо не бара и никого нeма да моли (ВИДЕО)
Претседателот на Србија Александар Вучиќ објави на Инстаграм дел од својот говор по повод прославата на денот на српското единство.
Тој објави видео-порака од одбележувањето на српскиот празник.
„Никогаш повеќе за српската тробојка нема никому да се извинуваме. Ќе ја носиме гордо секаде и на секое место. За нас нема ништо поубаво од нашето знаме. За нас не постои ништо поважно од единството на нашиот народ, а не ни треба ништо туѓо. Само сакаме да бидеме свои на своето, само да смееме да кажеме дека носиме српско име и дека носиме српско презиме. Тоа е нова Србија, поинаква Србија, горда Србија, која од никого ништо не бара и која никого нема да моли, која само сака да има права, токму како што имаат сите останати. И ништо повеќе, но и ништо помалку“, кажа Вучиќ.
Вучиќ на една од поважните средби со Меркел која се одржа во Белград истакна дека Србија знае кој е условот за влез во ЕУ, дека тој лежи во решавање на односите со Приштина.
„Не го криеме тоа од нашата јавност. И вечерва, кога сите нè следат, нема со ниту еден збор да го негирам тоа сознание. Затоа водиме дијалог на сериозен начин“, објасни српскиот претседател. Тој посочи дека, како што се слуша дека Приштина има свој устав, така има и Србија и таа мора да го почитува.
Подвлече дека Србија е подготвена да разговара за сите компромисни решенија, да разговара за уредување на односите, а пред тоа да се постигне согласност дека има слободен проток на стоки, услуги, пари и луѓе, да се зближат луѓето, бидејќи, како што кажа, тогаш ќе биде полесно да се најде решение.
„Ако прашањето е дали сме свесни дека нема да влеземе во ЕУ пред да го решиме косовското прашање – тоа е апсолутно јасно“, нагласи тој.
Канцеларката вечерва рече и дека е оптимист кога станува збор за продолжување на Берлинскиот процес, како и дека целта е сите шест земји од Западен Балкан да учествуваат во интегративните процеси.
Таа на заедничката прес-конференција со Вучиќ кажа дека секој избран германски канцелар ќе се залага за таков развој за земјите од Западен Балкан, што ќе го вклучува Берлинскиот процес.