
Осум вооружени француски полицајци исфрлиле Британец од воз – поради маска
Британските таблоиди пишуваат за инцидентот во кој учествувал патник од Велика Британија, кој со воз одел на работа во Франција.
Како што пренесува “Mirror”, мажот во 40-тите години, за кого се верува дека е од Ливерпул, од француски “Еуростар” го исфрлиле осум вооружени полицајци, бидејќи одбивал да носи маска.
Полицајците го исфрлиле од возот во Лил и го оставиле, додека возот го продолжил патот кон Англија.
“Не направив ништо лошо и ги почитувам сите правила околу коронавирусот – ова е апсолутно нечуено”, рекол додека го изнесувале пред очите на шокираните патници. “Немам поим за што станува збор тука, освен што ме обвинија дека не носам соодветна маска”, рекол мажот.
“Еуростар” во соопштението навел дека мажот “упорно ја вадел маската, како на станицата, така и во возот” и покрај мирните предупредувања од персоналот.
Во соопштението се наведува дека другите патници се жалеле, поради што возот неочекувано застанал во Лил за човекот без маска да излезе од возот.
Сите патници на “Еуростар” се обврзани да носат маски цело време, освен кога јадат, и секое одбивање може да резултира со исфрлање од возот, порачале од француската компанија.
“Mirror” пренесува изјави на некои патници кои тврдат дека мажот не бил единствениот кој не носел маска и дека кога му било приговорено поради црната маска која ја имал, ставил стандардна сина маска, но тоа не ги спречило полицајците да го исфрлат од возот.