24sedum.net

24 седум вести портал

Шилегов до Шаќири: Се налyтивте зашто не станавте директор на МКЦ

Сите знаат дека станавте кандидат за градоначалник на Скопје, зашто не станавте директор на МКЦ, му возврати скопскиот градоначалник Петре Шилегов на противкандидатот Бени Шаќири, кој, пак, го обвини дека е лош градоначалник.


-Ние кога рушевме режим се договоривме дека ќе го слушаме гласот на граѓаните. Вие требаше да бидете партиско решение за директор на МКЦ, но имаше петиција против и ние го послушавме гласот на граѓаните – рече Шилегов на дебатата на Телма.


Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов во своето обраќање на митингот во Гази Баба му реплицираше на Мицкоски кој го нарече Худини: „Го слушам Мицкоски пред некој ден, вели, Петре бил Худини – магионичар, или илузионист. Илузија е, драги пријатели, кога ве убедува некој дека нешто има, а сите знаете дека го нема. Е, тоа е ДПМНЕ. Кога сите знаевме дека нема ништо од нив, они не убедуваа дека создаваат добро за оваа држава.“


Петре Шилегов ја нарече „илузија“ таканаречена независна кандидатка спонзорирана од ВМРО-ДПМНЕ: „Како поинаку да ја наречам, освен илузија, нивната таканаречена независна кандидатка за градоначалник на Скопје. Сите знаеме дека не е независна, и дека е спонзорирана од ДПМНЕ, ама они ни прават илузија дека е независна“.

Потоа, Шилегов им порача на Христијан Мицкоски и Данела Арсовска дека ќе ја дознаат вистината на 17-ти октомври: „Е, ќе ја добиете вистината на 17-ти октомври, и двајцата заедно ќе си заминете кај вашиот политички татко во Будимпешта, е тоа ќе биде вистина, нема да биде илузија“.