24sedum.net

24 седум вести портал

По три години: Нови докази за бегството на Груевски?

По речиси три години од бегството на Никола Груевски сѐ уште не е познато кој му помогна на екс премиерот да ја напушти државата и тивко и неприметно да замине во Будимпешта, Унгарија.

Од Обвинителството за „Фокус“ сепак велат дека истрагата сѐ уште трае, односно не е затворена.

-Предметот во врска со бегството на Груевски е сѐ уште активен и надлежниот обвинител што постапува по него презема дејствија за кои јавноста ќе биде навремено информирана во моментот кога обвинителството ќе оцени дека нема да наштетат на постапката, ни одговорија од Обвинителството.

Од одговорот може да се сфати дека обвинителството повторно ја активирало истрагата, откако во еден период тапкаше во место. Неодамна, пак, обвинителката Вилма Русковска, истакна дека имаат информации, но не и докази за да покренат обвинение за случајот.

Со навршувањето на трите години во бегство на Груевски му истекува и азилот кој го доби од Унгарија.

Односно, наскоро, државата во која е гостин, повторно ќе мора да се одлучи дали и понатаму ќе му обезбеди прибежиште. Но, не се очекува изненадување, односно прогнозите се дека екс премиерот и понатаму ќе продолжи да живее во Будимпешта. Тој неодамна регистрираше и фирма со широка деловна активност во малото гратче Пецел, кое се наоѓа на дваесетина километри од унгарската престолнина.