24sedum.net

24 седум вести портал

Најчевска: Овие барања треба да бидат поставени од страна на граѓаните во вид на УЛТИМАТУМ. Неотповиклив!

„СДСМ претрпе катастрофален пораз на локалните избори. После 4 години управување со државата, граѓаните кои ги донесоа на управувачка позиција решија дека не ги извршиле зададените задачи и не одговориле на нивните очекувања.
За мене лично СДСМ потфрли во:

1. Деконструкција на апаратот на ВМРО ДПМНЕ составен од несоодветни и на противзаконски начин вработени административни службеници, судии, јавни обвинители, раководители на државни органи, вработени во културата и образованието;

2. Професионализација на државниот апарат (наместо тоа се здадоа на вработување и именување додатен несоодветен кадар како награда за партискиот ангажман или по линија на роднинство и пријателство)

3. Воспоставување систем од правила, процедури и критериуми кои ќе оневозможат самоволие на владејачките структури (од ова ептен ништо)

4. Воспоставување основи на владеењето на правото (нема забрана за менување на законите по скратена постапка, без јавна расправа, по лична потреба)

5. Департизација на правосудниот систем и полицијата

6. Градење пракса на одговорност на функционерите и за најмала грешка во секторот кој го покриваат
Заради ова СДСМ не заслужува да остане на власт и треба да биде сменета.

Меѓутоа, во услови кога првата по големина опозициона партија ВМРО ДПМНЕ (која беше симната од власт после големи демонстрации на кои беше манифестирано огромно незадоволство на голем број граѓани) со ниту една активност не покажа дека разбрала каде згрешила, не ги осуди криминалите и криминалците од времето кога беше на владејачка позиција и не понуди промена во однос на сопственото претходно владеење, изборот е скоро невозможен.

Ова е уште потешко во ситуација кога граѓаните немаат сили да поддржат трета опција. Тоа ја прави промената скоро невозможна.

Единствен излез од моменталната апсолутно негативна ситуација гледам во тоа граѓаните кои не мислат дека актуелната опозиција може да понуди било каква посакувана промена да постават ултиматум пред владејачката СДСМ.

Да стават цена на својот глас кој ќе обезбеди избор на градоначалник во Скопје, Избор на десетина други градоначалници и останување на СДСМ на власт се до крајот на мандатот.

До 31 октомври (денот на вториот круг од локалните избори) треба:

1. СДСМ да се повлече од изборната трка во Куманово и да го прифати изборот на Максим Димитриевски за градоначалник;

2. Шилегов да потпише неотповиклива оставка од местото градоначалник која ќе се активира по 2 години од изборот и веднаш да се пристапи кон барање нов соодветен кадар кој би бил понуден на вонредни избори;

3. Заев веднаш и сега да ја прифати оставката на Филипче од позицијата Министер за здравство и веднаш да се започне вистинска истрага (наместо актуелната фарса во која вината е најдена во продолжниот кабел) за повеќекратното ув-иство во Тетово; и

4. Да започне процедура на идентификување нов Јавен обвинител кој како непартиски кадар ќе започне постапки за испитување на потеклото на имотот и на злоупотребите на службената должност на сите актуелни функционери.

Доколку се исполнат овие услови јас лично би ги поддржала и би гласала за сите градоначалници предложени од страна на СДСМ.

Ова се минимални барања кои треба да го спасат она малку достоинство што останало во СДСМ на локалните избори, и кои понатаму би довеле до следното скалило кое треба да се искачи пред наредните парламентарни избори:

1. Заев (како претседател на партијата и премиер), Николовски (како човек задолжен за борба со кор-упцијата) и Спасовски (како прв човек на МВР) да депонираат неотповикливи оставки кои би се активирале веднаш по завршување на локалните избори

2. Да се пристапи кон идентификување кадри кои би можеле да бидат нови функционери во претежно технократска Влада која ќе има задача да ги постави темелите на владеењето на правото.

Овие барања треба да бидат поставени од страна на граѓаните во вид на ултиматум. Неотповиклив.

Дури тогаш може да зборуваме за држава, а не за тезга на која се врши најпримитивен пазарлук и се поткопува секој обид за суштинска промена.

Можеби тогаш партиите ќе научат и дека не е работата да бидат лојални едни кон други туку кон граѓаните.“