24sedum.net

24 седум вести портал

Заев на фејсбук сподели тажна вест и изрази сочуство: Проф д-р Атанас Вангелов останува во нашите сеќавања

Со длабоко жалење ја примив веста за смртта на нашиот истакнат филолог, теоретичар на книжевноста, професор и педагог, поет, есеист, драмски писател и ангажиран општественик – проф. д-р Атанас Вангелов, напиша на фејсбук премиерот Заев

Како добитник на наградата и највисокото државно признание „11 Октомври“ за неговото животно дело, проф. д-р Вангелов е овековечен како сестрана личноста

којашто ја задолжи македонската наука и книжевност со својата ангажирана активност на овој план, како и на планот на нашата општествено-политичка реалност.

Проф. д-р Атанас Вангелов ќе биде запаметен како професор, ментор и педагог на повеќе генерации студенти, магистранти и докторанти на Филолошкиот факултет при УКИМ.

Неговата дејност во книжевноста остави трајни белези и како претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата, како лектор по македонски јазик и литература во Париз, и како активен член на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).

Наградите „Млад борец“, „Браќа Миладиновци“, „Божидар Настев“, „Димитар Митрев“, „Златно перо“, „Григор Прличев“, засекогаш ќе сведочат за неговото значајно наследство во литературата и книжевната дејност.

Проф. д-р Атанас Вангелов останува во нашите сеќавања. Нека почива во мир.