24sedum.net

24 седум вести портал

Градоначалник ќе се бира во 44 општини: Еве каде ќе има гласање утре

Во вториот круг од Локалните избори, што ќе се одржи в недела на 31 октомври 2021 година, ќе се гласа во вкупно 44 општини. Право на глас имаат 1 353 990 избирачи на 2481 избирачко место.

Повторување на гласањето за градоначалник и за совет ќе има на едно избирачко место (0543) во Дебар, а ќе се прегласува и на избирачко место 2957/1 во Шуто Оризари за членови на совет. Управниот суд го поништи гласањето на овие две избирачки места за гласањето од првиот круг на изборите на 17 октомври.

Во недела нема да има гласање за градоначалник во Маврово-Ростуше и Центар Жупа бидејќи не беше исполнет законскиот цензус на гласање во првиот круг од изборите да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список. За овие две општини ДИК ќе ја извести Владата, а потоа во Маврово-Ростуше и Центар Жупа ќе се организира повторување на гласањето за градоначалник согласно Законот за локална самоуправа. Членови на советот се избрани бидејќи за нив не е потребен цензус.

Гласањето почнува во сабота кога се изјаснуваат болните и немоќните, лицата со Ковид-19 и во самоизолација, и според податоците на ДИК и 1409 затвореници, 266 лица во 13 старски домови и шест внатрешно раселени лица.

Првпат на локалните избори се применуваат терминали за биометриска идентификација на гласачите, а ќе се применуваат и општите мерки за заштита од Ковид-19.

Во вториот круг од Локалните избори на 31 октомври 2021 година ќе се гласа во следните општини:

Содржината продолжува после огласот

Арачиново, Битола, Боговиње, Брвеница, Василево, Вевчани, Врапчиште, Гевгелија, Гостивар, Дебарца, Демир Капија, Демир Хисар, Долнени, Желино, Зелениково, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Кратово, Куманово, Лозово, Македонска Каменица,

Македонски Брод, Ново Село, Охрид, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Ранковце, Ресен, Росоман, Старо Нагоричане, Струга, Студеничани, Теарце, Тетово, Центар,

Чаир, Чашка, Чешиново-Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари, Град Скопје.