24sedum.net

24 седум вести портал

Во кои градови победи ВМРО, во кои СДСМ, а во кои ДУИ – пресврт во 7 општини во вториот круг

Во вториот круг од Локалните избори 2021 година, ВМРО-ДПМНЕ, според се’ уште необјавените првични резултати од страна на Државната изборна комисија, прогласи победа во 20 општини и во Градот Скопје.

Со нивна поддршка, СДСМ е поразен и во Куманово и во скопската општина Карпош каде победија независниот кандидат Максим Димитриевски и Стевчо Јакимовски од ГРОМ.

Мицкоски вечерва објави дека градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ ќе има во Битола, Брвеница, Ранковце, Василево, Чешиново Облешево, Гевгелија, Зелениково, Демир Хисар, Ново Село, Охрид, Конче, Кратово, Радовиш, Лозово, Македонски Брод, Македонска Каменица, Ресен, Вевчани, Пехчево, Кочани и во Градот Скопје каде победи независната кандидатка Данела Арсовска, со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ им зеде 7 општини на СДСМ кадешто тие водеа во првиот круг: Битола со 3.000 гласови разлика, каде СДСМ во првиот круг водеше со 1.645 гласови, Македонска Каменица, Лозово, Демир Хисар, Ресен, Конче и Кочани.

СДСМ вечерва победи во скопската Центар, во Росоман, Пробиштип, Демир Капија, Старо Нагоричане, Чучер Сандево и Чашка. Во првиот круг СДСМ водеше во 14 општини, а добија во 7.

СДСМ е поразен и во Дебарца каде победа над нивниот кандидат однесе независниот кандидат Зоран Ногачески.

Токму поради овој изборен дебакл, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев вечерва објави оставка од двете функции, но нагласи дека не треба да има предвремени парламентарни избори и ќе остане додека не се реорганизира новата влада.

Во првиот изборен круг ВМРО-ДПМНЕ освои 22 градоначалнички места, а СДСМ само 9.

Во вториот изборен круг ДУИ го загуби Тетово, а му останаа Боговиње, Теарце, Кичево, Струга, Долнени, Арачиново и скопската општина Чаир.

Лидерот на БЕСА Билал Касами стана градоначалник на Тетово, а оваа партија ја освои градоначалничката позиција во Желино, а актуелниот градоначалник на Гостивар д-р Арбен Таравари од Алијанса за Албанците и Алтернатива доби нов четиригодишен мандат, а оваа коалиција победи и во Врапчиште.

Во Дебар се уште не е завршено гласањето, па на 14 ноември ќе се прегласува.