
БУГАРСКИ ПОЛИТИЧАР ПРИЗНА: Во Бугарија има луѓе со македонски идентитет
Неточно е тврдењето дека нема македонско малцинство во Бугарија, вели кандидатот за претседател на Бугарија од Национална унија на десницата – КОД, Горан Благоев.
Тој во изјава за БНТ, кажа дека се потребни интензивни политички преговори затоа што односите меѓу двете земји се пред замрзнување. Како што јави дописникот на МИА од Софија, тој оценува и дека само со историја не може да се живее.
„Во Бугарија има луѓе со македонски идентитет, што е наметнат од поранешната Бугарска комунистичка партија, која управуваше 45 години“, изјави Благоев.
Благоев го поставува и прашањето зошто на средбата кај претседателот на Бугарија, Румен Радев имало луѓе кои претставуваат само една гледна точка, алудирајќи на средбата во Софија со претставници на здруженија на Бугарите во Македонија. Кажа дека не треба да се зборува за бугарско малцинство во Македонија, туку Бугарија треба да ги брани индивидуалните права на секој бугарски државјанин кој има бугарски идентитет. Според него, впишувањето на Бугарите како посебна етничка група ќе даде, како што вели, „основа за претензии за македонско малцинство во Бугарија од страна на Република Северна Македонија“. Тој забележува дека лажните вести за наводно скеварнавањето на споменици го поттикнуваат непријателството. Македонците во Бугарија неодамна излегоа со Декларација, и се пожалија дека на попис не можеле да се изјаснат како Македонци.
Фото: tribune.bg