
МНР со апел: Општините и советниците доследно да го применуваат уставното име на државата
Во врска со последните случувања на конститутивните седници на советите на општина Штип и општина Аеродром, Министерството за надворешни работи изразува загриженост од, како што наведува во соопштение, постапките на дел од советниците избрани на последните локални избори во врска со потпишувањето на свечената изјава согласно Законот за локалната самоуправа, и повикува на доследна примена на уставните и законските одредби за името на државата.
-Со Законот за ратификација на Конечната спогодба, Одлуката за прогласување на амандманите ХХХIII, XXXIV, XXXV и ХХХVI на Уставот на Република Македонија и Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија од јануари 2019 година, уставното име на државата е Република Северна Македонија и дека сите државни институции и единици на локалната самоуправа се должни да го почитуваат Уставот на Република Северна Македонија и да ги усогласат сите акти кои ги донесуваат со Уставот.
Имено, секаде каде што името Република Македонија е наведено во законите и подзаконските акти на државните органи и единиците на локалната самоуправа, вклучително и во свечената изјава, од денот на влегување во сила на горенаведените акти се користи уставното име Република Северна Македонија, се наведува во соопштението на МНР.