24sedum.net

24 седум вести портал

Инфлацијата зема 1000 денари плус од платата – Трпесkи: Граѓаните веќе ја чувствуваат на свој грб

Инфлацијата зема 1000 денари плус од платата, па така истите работи кои во минатата година чинеле колку една плата, сега се зголемени за 1000 денари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Според нив, и просечната плата е зголемена за 4 отсто, односно за 1100 денари, од 27.535 на 28.642 денари.

Трошоците за живот во октомври годинава се за 4,1 отсто повисоки од истиот месец минатата година, односно храната е поскапена за околу 4,6 проценти, а транспортот за 18 отсто. Маслата пак се поскапени за 25 отсто, зеленчукот за 12 отсто, додека гасот и горивата за над 30 проценти.

Според НБРМ, инфлацијата е проектирана на 3,1 процент и направена е умерена нагорна корекција во однос на априлската проекција, а следната година се очекува инфлацијата да биде 2,4 проценти.

Поранешниот гувернер на Народната банка, професор Љубе Трпески за РСЕ посочува дека граѓаните веќе ја чувствуваат инфлацијата на свој грб.

Тој додава дека сепак инфлацијата сè уште се наоѓа под контрола, и кај нас и во светот, и затоа не треба да се крева паника.

„За обичниот граѓанин тоа значи поскапување на одредени намирници, особено ако се оствари најавеното поскапување на струјата, сето тоа ги зголемува трошоците за живот. Ако се сеќавате, пред 20-30 години инфлацијата дневно растеше колку што сега расте на годишно ниво, така што нема потреба од паника. Народната банка има инструменти да ја контролира, ама тоа треба заедно со буџетот, со Министерството за финансии да го прави“, вели Трпески.

Гувернерката Анита Ангеловска Бежоска пак вели дека и покрај енергетската криза и растот на глобалниот раст на цените, засега не се очекуваат шокови, а проекциите на меѓународните финансиски институции се дека наредната година ќе има стабилизирање во енергетскиот сектор.

„Будно ги следиме состојбите особено во енергетскиот сектор, но не само во енергетскиот сектор, туку и кај глобалниот раст на цените на храната, бидејќи ако се погледне потрошувачката кошничка кај нас, тие имаат доминантна улога. На храна и на енергија отпаѓа околу 50-тина проценти од вкупната потрошувачката кошничка, така што будно следење е навистина неопходно во овој период, иако засега не се очекуваат поизразени шокови. Се очекува инфлацијата да остане во умерени рамки“, рече таа.

Доколку кризата има пролонгирани ефекти, како што истакна гувернерката, тие негативно би се одразиле врз повеќе сегменти во економијата како што се инфлацијата, повисоките притисоци, трговското салдо.