
ИСTOРИСKИ ДЕН: Ќе се изгласа ли недоверба на Владата? Ахмети убеден дека имаат мнозинство
Дојде денот кој многумина го очекуваат. Денес во Собранието ќе се гласа за недоверба на македонската Влада.
Изминативе денови главна тема и фокус во јавноста беше дали опозицијата ќе успее да собере 61 пратеник и на тој начин, преку гласање во македонскиот законодавен дом, да ја урне Владата. Најновиот момент во случувањата беше одложувањето на оставката од премиерската функција и претседателската функција во СДСМ на Зоран Заев, кој рече дека ќе остане за да може да се стабилизира мнозинството, но и ако може, да се засили.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, синоќа присуствувал на средбата меѓу коалициските партнери во Владата и исто како и премиерот Зоран Заев, настапил со оптимизам дека Владата нема да падне утре на гласањето на доверба во Собранието, односно дека, „мнозинството е кај прогресивните сили во парламентот“, објави „360 степени“.
Седницата на која се гласа за доверба на Владата, според законите, мора да заврши истиот ден.
Доколку опозицијата обезбеди 61 глас против кабинетот на Заев, тогаш Владата е должна да даде оставка во рок од 24 часа, по што би почнал да тече рокот од 10 дена во кои претседателот Стево Пендаровски треба да го даде мандатот за составување нова влада на партијата/партиите кои ќе потврдат дека имаат најмалку 61 пратеник во Собранието.
Досегашната Влада, пак, ќе остане на должноста до избор на нов кабинет.