
Кастриот Реџепи сам пошол во полиција да пријави дека не е исчезнат
Во врска со вчера (11.11.2021) добиената пријава во ПС Бит Пазар за К.Р., МВР ве известува дека пред малку К.Р. своеволно дојде во полициска станица и даде изјава дека пријавата е невистинита односно никогаш не бил исчезнат туку самоволно, без никаков притисок, со своето семејство заминал кај пријател за да се заштити од публицитет поврзано со собраниската седница, стои во денешното соопштение од Министерството за внатрешни работи.
Инаку, се работи за пратеникот Кастриот Реџепи, кој вчера не се појави на седницата за гласање на доверба на Владата, а повеќе опозициски партии обвинија дека тој е киднапиран.
Пратеникот од Движењето БЕСА, Кастриот Реџепи, претходно денеска, најави дека во понеделник на прес-конференција ќе се појави пред новинарите. Тој ја повика неговата партија да не презема чекори кои ќе ги оштетат партиските структури и активности.
Претседателот на неговата партија, Биљал Касами, вчера најави дека ќе го пријави неговото исчезнување, а потоа се појави видео од реџепи, во кое тој објаснува дека е добар и дека не е киднапиран.
– Властите треба да ни кажат дека пратеникот е здрав и жив заедно со неговото семејство. Во ситуација кога јас одам заедно со членови на семејството да го пријавам за исчезнат заедно со неговото блиско семејство излегува ова видео. Затоа ние дополнително се сомневаме дека оваа ситуација е исценирана, изјави Касами.