24sedum.net

24 седум вести портал

Битола на нозе во одбpaна на непpaведно ocyдениот полицaeц

Граѓани заедно со независниот полициски синдикат со протестен марш застанаа во одбрана на битолскиот полицаец  Гоце Петковски  кој Кривичниот  суд во Скопје  го осуди на една година затвор за прекумерна употреба на сила во случајот на  Невзад Јашаровски од Битола.

Колегите и учесниците во протестот сметаат дека казната е превисока и бараат правда за Петковски

-Сето тоа што се случуваше, сето што го видовме на снимки, говори дека само  ослободителна пресуда е пресуда која ќе биде правична и Гоце ќе треба да си продолжи со работа и да ги штити граѓаните, рече Гоце Делчев Тодев, претседател на Независниот полициски синдикат.

-Со ваквата пресуда  и изречената драконска казна се доведува во опасност моментот на идните интервенции на полицијата, се доведува во прашање иднината не само на Гоце Петковски како човек и полицаец туку на сите полициски службеници на кои веќе им е изречена слична казна и оние кои чекаат судска разрешница за истите обвиненија рече претседател на синдикалната полициска организација, Никола Кирковски.

Настанот се случи лани во септември во Битола кога обвинетиот полицаец при обезбедување на место на сообраќајна несреќа, го совладал Невзад Јашаровски го турна на земја и  го удираше со клоци и тупаници по главата и телото.

Јавноста дозна за полициската  бруталност по објавување  на аматерски видео клип  направен  со мобилен од случаен минувач.

Јашаровски по пресудата на Кривичниот суд, најавува граѓанска тужба за надомест на штета поради повредите кои му се нанесени

-Не сум задоволен оти мала е казната за тој ќотек што го добив. Не сум задоволен, ќе го тужам, ќе си барам она што ми следува, оштета. Не сум способен ниту за работа ниту за ништо повеќе, целиот сум закочен, изјави во телефонски разговор за Телма Невзед Јашаровски

По настанот, Оделот за внатрешна контрола до Обвинителството поднесе кривична пријава против Гоце Петковски, а тој заедно со колегата беше суспендиран од работното место.

Судот констатираше дека полицаецот употреби  прекумерна сила и го понижи Јашаровски.

Пресудата доаѓа по 8 рочишта, а Судот го отфрли барањето на одбраната на полицаецот  да се земе предвид и агресивноста на Јашаровски

„Околноста дека оштетениот во критичниот момент бил под дејство на алкохол и агресивно се однесувал за што се води и кривична постапка против него не претставува оправдување за преземените дејствија од страна на обвинетиот и не претставуваат основ за ослободување на обвинетиот од кривична одговорност, кога истиот и покрај тоа што оштетениот бил совладан и соборен на земјата, продолжил да го клоца по телото и главата повеќе пати и со тоа применувајќи прекумерна сила”, се наведува во пресудата на Кривичен суд-Скопје.

Оваа пресуда  е меѓу првите каде се изрекува ефективна казна затвор за полициски службеник за  прекумерна употреба на сила, а досешната судска пракса покажува дека за вакви дела е изрекувана најмногу условна казна.

И здружението на млади правници се огласи по пресудата и посочи дека е од огромно значење затоа што како што наведуваат „со изречената казна затвор во траење од една година ќе бидат постигнати целите на казнувањето од аспект на генерална и специјална превенција.“

 

извор: telma.com.mk