24sedum.net

24 седум вести портал

Северна Македонија од денеска целосно воено интегрирана во НАТО

Со потпишување на заедничката декларација со НАТО денеска официјално ќе се заокружи процесот на воено интегрирање на Република Северна Македонија во командните структури и во структурата на силите на Алијансата.

За таа цел во земјава ќе престојува командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за трансформација генерал Филип Лавињ, кој во Министерството за одбрана и Генералштабот ќе оствари средба министерката за одбрана Радмила Шекеринска и со началникот на ГШ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Тема на официјалните разговори, како што е наведено во соопштението од ГШ и МО, покрај заокружувањето на процесот на воена интеграција во структурите на НАТО ќе бидат и активностите во процесот на трансформација и модернизација на Армијата во исполнување на НАТО целите на способности и запознавање со планираните вежбовни активности на Армијата во следниот период.

По завршување на состаноците во Министерството за одбрана и Генералштабот, генералот Филип Лавињ ќе оствари средба со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, по што ќе биде примен и од претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски каде ќе се одржи и церемонија за потпишување на заедничката декларација за интеграција на Република Северна Македонија во структурите на НАТО.

На церемонијата, по обраќањата од страна на претседателот Стево Пендаровски, министерката Радмила Шекеринска и генералите Филип Лавињ и Васко Ѓурчиновски, ќе следи потпишувањето на заедничката декларација од страна на генералите Лавињ и Ѓурчиновски со што и формално Република Северна Македонија ќе биде целосно воено интегрирана во НАТО – Алијансата.

Завршувањето на процесот на воена интеграција во НАТО е доказ за посветеноста на Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија во исполнување на дадените цели кои се одвиваат преку трансформациските процеси во Mинистерството за одбрана и Армијата.