24sedum.net

24 седум вести портал

Научниците сакаат да направат магнетно поле околу Марс за да биде погоден за населување

За секоја форма на долгорочно човечко присуство на Марс, без разлика дали станува збор за колонизација, посети или патување, би требала стабилна атмосфера која не губи премногу честички и низ која не продира опасното космичко зрачење.

Научниците од различни универзитети и организации, вклучително и Џејмс Лауер Грин од НАСА, предлагаат да се направи магнетното поле на планетата и на тој начин да се заштитат луѓето од смртоносните атмосферски услови.

„Со цел луѓето долго време да останат на Марс, треба сериозно да размислат за тераформирање на планетата“, напишале експертите во новата студија, како што пренесува Futurism.

„Еден од главните предуслови за тераформација е заштитата што ја обезбедува магнетното поле на планетата – што Марс моментално го нема“, додаваат тие. Имено, Земјата има силно магнетно поле, додека она на Марс е исклучително слабо и распарчено.

Научниците велат дека една од првите цели на тераформирањето треба да биде зголемување на атмосферскиот притисок над линијата Армстронг, праг што им овозможува на луѓето да преживеат без заштитно одело. Под таа граница, водата во белите дробови и очите почнува да врие.

Но, како да се постави магнетно поле на Марс? Научниците предложиле неколку начини: рестартирање на железното јадро на Марс или користење серија поврзани извори со контролиран зрак на наелектризирани честички, во облик на голем прстен.

“Предложеното оптимално решение е сосема нова технологија. Решението со најмала моќ, склопување и маса е да се создаде вештачки прстен од наелектризирани честички околу планетата. Тоа би можеле да го постигнеме со исфрлање материја од една од месечините на Марс, користејќи електромагнетни и плазма бранови да ја придвижат нето струјата во прстенот, што би резултирало со целосно магнетно поле“, наведуваат научниците.

Непотребно е да се каже дека создавањето магнетно поле би барало огромни ресурси; апсолутниот минимум потребна енергија би бил околу 1017 џули, што е речиси вкупната потрошувачка на енергија на сите луѓе на Земјата во 2020 година. Ова значи дека веројатно ќе треба да се користат реактори за нуклеарна фисија.

Иако авторите на студијата наведуваат дека не тврдат дека за живот на Марс е неопходно магнетно поле, изгледа доста тешко да се замисли одржливо присуство на таа планета без тој фактор. Единствениот проблем е како тоа да се направи и дали некогаш ќе се успее да се реализира ваков проект во иднина.

Истражувањето наречено How to create an artificial magnetosphere for Mars наскоро ќе биде објавено во списанието Acta Astronautica.