
Австрија стави околу 2 милиони невакцинирани жители во локдаун
Околу два милиони луѓе, кои не се целосно вакцинирани против коронавирус, се ставени во изолација во Австрија бидејќи земјата се соочува со голем пораст на бројот на новозаразени и починати од COVID-19.
„Не пристапуваме лесно кон овој чекор, но за жал, е неопходен“, изјави канцеларот Александар Шаленберг.
На невакцинираните ќе им биде дозволено да ги напуштат домовите само поради ограничени причини како работа или купување храна, пренесе BBC.
Се засилуваат и контролите на терен, па така ако се затекне некој кој ја прекршил мерката, казната е 1450 евра. Австриските власти оставија на покраините да воведат построги мерки, ако сметаат дека тоа е потребно.
Околу 65% од жителите на Австрија се целосно вакцинирани. Во меѓувреме, седумдневниот процент на заразени изнесува повеќе од 800 случаи на 100.000 луѓе, што е меѓу највисокиот степен во Европа.
Мерките кои од денеска се воведени во Австрија доаѓаат по се големиот притисок на болниците, а за почеток ќе траат 10 дена. Децата помали од 12 години и луѓето кои закрепнале од инфекција со коронавирусот ќе бидат исклучок од нив.
Европа стана регион најсериозно погоден од пандемијата, а неколку земји воведоа ограничувања поради зголемениот број на заразени.