24sedum.net

24 седум вести портал

Цената ќе расте и медот допрва ќе станува луксуз за граѓаните

Квалитетен мед моментално чини од 500 до 600 денари за килограм, а според производителите медот и натаму ќе поскапува и допрва ќе станува луксуз за граѓаните.

Пчеларите велат дека има многу фактори кои водат кон неминовно поскапување на медот. Тука се пред сѐ неповолните временски услови, кои резултираат со слаби приноси, но и општото поскапување на другите намирници во државата. Од друга страна, објаснуваат дека граѓаните кои живеат со ниски плати и пензии, не можат да си дозволат често да набавуваат мед.

„Медот и сега е луксуз за граѓаните, затоа што повеќето го купуваат кога имаат некој здравствен проблем, кашлаат и имаат потреба од конзумирање на мед. Сметам дека килограм мед ќе поскапи за уште 200 денари понатаму. Климатските промени секако се проблем за нас. Летово немаше дождови, а полињата не се како порано, засадени и расцутени за да има пчелите каде да собираат мед. Има години кога нема доволно храна и мораме да ги прехрануваме пчелите, и тоа е трошок“, вели Шефит Шемшедини, претседател на Здружението на пчелари „Матица“ од Струга.

Пеце Митревски, од Битола кој поседува пчеларник во селото Слоештица близу Демир Хисар објаснува дека на товар на пчеларите е поскапата храна, опремата за пчели, но и транспортот до самите пчеларници.

„Горивата поскапеа, а јас до пчеларникот и назад имам 90 километри. Ги немаме тие количини на мед кои сме ги ваделе во минатото. Се случувало пред 25 или 30 години да извадам 40 килограми мед од една кошница, а потоа имаше години со по 2, 5 или 10 килограми мед, а кога вадев 12 килограми сметав дека таа година е добра и бев задоволен. Климатските промени нѐ доведоа до мали приноси. Има пчелари кои се откажуваат од работата, и јас размислувам, но ми е жал за пчелите оти тие пчеларници сме ги создале. Граѓаните немаат стандард за да платат повеќе од 500 денари за килограм мед. Нас ова ќе ни биде како хоби, и ќе работиме со мал приход“, објаснува Митревски.

Пчеларите од истокот, велат дека традиционално медот во западна Македонија е за нијанса поскап, но не знаат дали тоа е така поради помало производство или поради поголема побарувачка.

Целиот текст прочитајте го на фактор.мк – ОВДЕ