24sedum.net

24 седум вести портал

Џабе планините и снегот, фали организација и работење, затоа Македонците скијаат во Бугарија, Србија

Со зимските центри не сме направиле ништо како држава и тоа што останало од поранешната Југославија сега е 90 проценти уништено, смета Марјан Мирчески

Снегот требаше да ги израдува скијачите во Македонија. Ама кога скијачите се запрашаа каде да отидат да скијаат – почна проблемот. Тешко се доаѓа поради недоволно исчистениот снег во Маврово, на Попова Шапка. А и кога ќе се стаса на нив проблемите не престануваа. Тешко се наоѓа место за паркирање, гужви пред малкуте жичарници… И вака е со децении. До кога ќе биде вака – уште децении ќе чекаме?

Времето во наши најпознати центри какви што се Попова Шапка, Маврово, Пелистер, Крушево… како да застанало. На Пониква како и да не почнало. Малку нешто е подобрено и со децении е исто. Пристапните регионални патишта се во крајно лоша состојба, има малку паркинг места, малку стази за скијање, малку добри жичарници, малку механизација за средување на терените, малку хотели, ресторани, спа – центри… Треба ли тогаш да зачудува фактот што македонските зимски туристи во овој период најмногу заминуваат на скијање во Бугарија, во Србија… Џабе е фактот што македонските планини имаат огромни потенцијали за зимски туризам кој ќе отвори нови работни места, ќе донесе странски туристи…

-Со зимските центри не сме направиле ништо како држава и тоа што останало од поранешната Југославија сега е 90 проценти уништено. Ништо ново не е изградено, само криминално се купуваат плацеви и тоа преку ноќ, ни вели Марјан Мирчески, од Кичево.

Граѓаните реагираат на она што го гледаат и што им се случува кога ќе посакаат да одат да уживаат во снегот.

-Кога со кола одам за Маврово не сум сигурен дека снегот ќе биде расчистен, дали ќе заглавам на тесното место кај браната, кај ќе се паркирам, колку време ќе чекам пред билетарница за скапи карти, дали ќе работат музејските жичарници за да на крајот скијањето да заврши околу 16 часот. Многу нервози за малку уживање, ни вели скопјанецот Марко П..

Маврово изминативе месеци беше во фокусот на јавноста, но не поради модернизација на ски – центарот туку заради изградба на повеќе згради со стотици станови во непосредна близина на центарот. Тоа дополнително ќе го задуши целиот и онака тесен простор. Се издаде и забрана за десетина вили кои бесправно се градат под хотелот „Радика“, што доволно зборува дека во овој центар цвета градба на се и сешто, но не и на ски-центарот.

На Попова Шапка, пак, деновиве се пофалија со пуштање на ноќно осветлување на патека „Аеродром“, со јавни тоалети и две нови бачила. Но се уште нема решение за паркингот, сметот, вештачки снег, не профункционира жичарата од Тетово – дури следната година ќе се правеле конкретни планови…

-До Шапка, како и до Маврово, треба да се реши превозот. Посебно да се направи жичарницата од Тетово до терените, потоа да се овозможи поголем простор за паркирање, но и да се зголемат скијачките капацитети. Треба и најитно да се работи на хигиената, вели Марија Ивановска.

За средување на Попова Шапка со која стопанисува државната компанија ЕЛЕМ ветувањата никогаш не фалеле. Во јуни годинава актуелната власт најави дека комплексот ќе биде даден на концесија од 99 години на позната ски-фирма која ќе вложи околу 100 милиони евра… Сепак, од тоа засега нема ништо. Најави дека ќе се средуваат ски-центрите Копанки и Нижеполе им се даваат на битолчани од избори до избори, но и таму не се менува нешто. Во јули годинава се потпиша договор со кој се одобруваат финансиски средства за изработка на проект за изведба на нов ски-центар, но се уште се чека на идеен проект.

Извор: Скопско ЕХО – линк