24sedum.net

24 седум вести портал

ПАРК КОЛКУ ПЛОШТАДОТ „МАКЕДОНИЈА“ Донација за граѓаните од фирмата „МГ Фешн“ која ќе го гради комплексот „Гранд“

Со најавата за почеток на градбата на комплексот „Гранд“ на парцелата 1.1 на паркингот спроти „Холидеј Ин“, компанијата „МГ Фешн“ најави и капитална инвестиција на јавен парк со фонтана на површина близу 7.500 м2 како донација за градот и сите граѓани, известува Плусинфо.

Визијата на инвеститорот за овој јавен простор е да се уреди налик урбаните паркови во светските метрополи, како оној на „Porta Nuova“ во Милано, за што е потребна соработка со надлежните органи на Општина Центар бидејќи важечкиот ДУП на оваа градежна парцела предвидува само партерно уредување со фонтана и спомен обележје.

Оттука, она што инвеститорот го нуди како решение за парцелата кај „Холидеј Ин“ е уредување на просторот со разновидно парковско зеленило, оплеменето со современа фонтана, урбана опрема и бројни останати содржини од отворен карактер, достапни за сите граѓани, но и распишување јавен конкурс за идејно решение во соработка со Општината.

Ваков модерен јавен простор, налик на светските уредени урбани паркови и простори, ќе понуди дополнително заживување и модернизирање на овој дел од центарот на градот, што е во интерес на сите граѓани и целата наша заедница – изјавија од „МГ Фешн“, додавајќи дека за граѓаните од Ново Маало кои се сопственици на приватните парцели на кои е предвидена јавна површина, предвидено е обесштетување во истиот сооднос како и за останатите сопственици чии парцели се опфатени со новите објекти.

Дополнително, компанијата изрази подготвеност за соработка со Град Скопје, Шумарски факултет и зелените организации да изготви решение и да инвестира и во обновување на делот од Кејот 13-ти Ноември кој се протега по должина на локацијата.