
Што е валкана бомба и зошто Русија тврди дека Украина може да ја употреби?
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека Украина може да употреби валкана бомба – направа со радиоактивна и експлозивна супстанца.
Шојгу не понуди докази дека Украина навистина има намера да го направи тоа, додека Украина, Франција, Велика Британија и САД го отфрлаат ова тврдење како можно.
Шојгу на британскиот министер за одбрана Бен Валас му искажа загриженост поради можните провокации на Киев, што се однесува и за употреба на валкана бомба. Слични пораки упати и до министрите за одбрана на САД, Франција и Турција.
Сепак, според нив, се работи за лажни тврдења дека Украина на сопствена територија ќе употреби такво оружје. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги негираше овие тврдења и порача дека „Русија е изворот на сето валкано што може да се замисли во оваа војна“.
Што е валкана бомба?
Ова оружје содржи радиоактивни супстанци, како ураниум кој се распрснува во воздух по експлозија. Во неа не треба да има високо радиоактивна супстанца како оваа што се користи за нуклеарни бомби. За нивно производство може да се користи радиоактивен материјал што се употребува во болници, нуклеарни електрани или лаборатории.
Поради тоа се поевтини за производство и полесно се произведуваат отколку некое друго нуклеарно оружје. Исто така, може да се транспортира со конвенционални возила.
Нејзината употреба може да предизвика тешки болести како канцер. По користење на вакво оружје мора да се евакуира поширокото подрачје, за да се направи деконтаминација.
Дали некогаш е употребена валкана бомба?
Според BBC, никаде во светот немало успешни напади со валкана бомба. Имало обиди да се употреби. Чеченските бунтовници во 1996 година во московски парк поставиле бомба во која имало динамит и радиоактивен Цезиум-137. Цезиумот бил изваден од средства кои се користат за лекување канцер. Безбедносните служби ја откриле бомбата и ја деактивирале.
Досега се уапсени повеќе луѓе кои имале контакти со Ал Каеда, бидејќи планирале терористички напади во САД и Велика Британија со употреба на валкани бомби.