
СО БОЦКАЊЕ ВО ПРСТ СЕКОЈ САМ ЌЕ СИ МЕРИ АНТИТЕЛА Британија ќе им праќа дома по 2 теста на позитивните
Тестови за антитела ќе бидат понудени за јавноста во Обединетото Кралство, за прв пат во новата програма чија цел е да открие повеќе за тоа колку природна заштита од ковид-19 имаат луѓето по заболувањето од вирусот.
Владата ќе нуди тестови на илјадници возрасни секој ден. Сите над 18 години можат да направат ПЦР-тест од утре, a на оние кои се позитивни ќе им бидат испратени тестови за антитела кои можат да се направат во домашни услови. Секретарот за здравство Саџид Џавид рече дека овој процес ќе биде брз и лесен.
Првиот тест со увод во прстот, треба да се направи што поскоро по позитивниот резултат, така што телото нема да има време да генерира заштитни антитела како одговор на инфекцијата.
Вториот тест ќе се прави 28 дена подоцна и ќе ги измери антителата кои организмот ги создал против вирусот.
Агенцијата за здравствена безбедност во Обединетото Кралство ќе ја води програмата, работејќи заедно со Националната здравствена служба на Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска и ќе го следи нивото на антитела кај позитивните случаи.
Главниот извршен директор д-р Џени Харис вели дека ова ќе му помогне на Обединетото Кралство да добие увид за влијанието на вакцината и имунолошките одговори за различните варијанти на вирусот.
Одделот за здравство вели дека освен тоа што овој проект помага да се сфати заштитата на човекот со антитела, оваа постапка ќе може да даде информации за сите групи луѓе кои не развиле имунолошки одговор по добивањето на ковид-19.
Секретарот за здравство на Шкотска, Хумза Јусаф, ја поздрави оваа вест велејќи дека од витално значење е да добијат целосно разбирање за ефективноста на вакцината и имунолошкиот одговор на пошироката популација.
– Студијата за антитела ќе ни помогне да го постигнеме ова и може да игра важна улога во битката за одржување на вирусот под контрола – додава тој.
Тестовите за антитела се користеа и претходно во Обединетото Кралство за време на пандемијата, но во ограничен број, главно на луѓе вклучени во студии или анкети.
Во неделата Обединетото Кралство објави 32.253 нови случаи и 49 смртни случаи на луѓе кои биле тестирани и биле позитивни во изминатите 28 дена.