24sedum.net

24 седум вести портал

Владата контра пресметките на Регулаторна: Уверува дека поскапувањето на електричната енергија нема да биде над 10 проценти

И покрај тоа што првиот човек на РКЕ, Бислимовски вчера кажа дека досегашните пресметки за барањата на енергетските компании без ЕВН Хоум, покажуваат дека цената на струјата би се зголемила за близу 40%, за министерот за економија Бектеши овие бројки не се закана.

Тврди дека Владата ќе успее да издејствува поскапувањето да биде само до 10%. Освен 65 милиони евра кои се одвоени за енергетската криза, обезбедени се и 15 милиони евра за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино.

„Секако дека нивно право е тие не само 100%, може да бараат и 2 000% зголемување, но колку ќе се прифати тоа ќе видиме во нареден период. Јас во однос на зголемување на цената на електричната енергија за првите 6 месеци веќе дадов изјава и стојам целосно позади тоа што сум го кажал./Првично не кажав 10%. Најмногу 10%, тоа може да биде и 0,1 и 2. До 9,99.!“ изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Вчера Бислимовски кажа дека поради високите берзански цени и загубите во мрежа, само ЕВН Електродистрибуција бара 100% зголемување на струјата.

„Вкупно зголемени трошоци на Електродистрибуција се 140 милиони евра, и тоа пред се поради надворешни фактори. Значи во однос на оперативни трошоци, амортизација, и таму нема нови вработувања нема ништо, се останато е исто. / Имаме негде веќе во моментов околу 37-38%.“ изјави Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.

Освен струјата, Бислимовски вчера го вклучи алармот и за цената на парното по Нова Година, бидејќи гасот на берзите достигна рекорд од 1 500 долари. Бектеши смирува и уверува дека се водат преговори со Газпром.

Но, високите берзански цени на енергенсите веќе ја поскапеа и храната и очекувањата се цените да одат и нагоре. Владата замрзна дел од производите, а дали листата би се дополнила и со други продукти, ќе одлучи доколку објави статистика.

„Кога кажуваме бројки треба тие бројки да се потврдени врз основа на анализи и податоци кои се излезени во јавност. Во однос на бројки од Завод за статистика кои се најнадлежни да објават вакви бројки од 30-50%, не гледам дека има толку покачување врз основа на нивни податоци повеќе од 5 најмногу 10%.“ изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Бугарија веќе ги замрзна цените на струјата, парното и водата. Сепак Бектеши вели дека не треба да се споредуваме со нив, бидејќи Бугарија е на слободниот пазар и државата таму не ги одредува цените, додека во Македонија производната цена на струјата се уште ја регулира Владата.