
Земањето невести од дома е закоравена традиција која веќе нема смисла и треба да се избрише
Сите свадбарски работи кои сум ги видела во животот ми имаат некоја логика и убавина донекаде.
Некој ужива во декорирање на просторот, многу цвеќиња, убаво осветлување.Друг во внимателно изработени китенки со тиркизно камче и розово машниче. Аферим, браво за невестата што имала нерви да посвети 3 месеци од животот и сите укравчиња да ги направи рачно.
Можам да го сфатам и превозот со лимузина и мотори и пајтони, дури и оние наместени шлакнати фотосесии со излитени идеи (невеста која се гледа во огледало – оп, две исти невести).
И народно и забавно, и рок бенд и тапани и зурли, сè свадбарско ми има логика додека е во склад со желбите на младенците.
Така сакале, ние сме гости, ќе се смешкаме и ќе играме во нивна чест и за нивната среќа.
Во секој еден каприц можам да земам учество, освен кога доаѓа ред за земањето невести од дома. Да појаснам – за земењето невести од дома, кои веќе подолго време воопшто не живеат дома.
Која е логиката на оваа „традиција“? Што се обидувате да направите од традицијата која не се почитува од самиот почеток? Ајде тие што живеат сè уште со родителите, некако и ми влегува во глава обредов.
Ама за другите… нема нешто посмешно и пожално истовремено. А вистината е дека е товар за сите, и за неа, и за домашните и за гостите кои треба да се статисти во тој драматично-комичен чин.
Прво, домашните на товар го имаат спремањето, растегањето маси, кетеринг, пијачки, келнер, чуда.
Наместо да станат одморени и свежи, мора да се издигнат од постела со петлињата да ги наместат сите овие работи. На целиот стрес и трошоци, додади го уште овој стрес и тропок, и пукни си.
Второ, треба да задолжиш некој да остане дома откако конечно ќе ја земат невестата да ти раскрене, зачисти и поднамести.
Нема веројатно да оставиш така како што е, со храна на масата (која патем никој не ја јаде, и попусто е ставена на масата. Никој не јаде – ФАКТ! Да не се лажеме, џабе фрлени пари, ама од пусто „да не се посрамотиме“ и „што ќе кажат комшиите“ се трупа беспотребно храна и пијалаци).
Тој некој задолжен, таа пуста жртва, треба да ти расчисти и да ти ја варди куќата. Недај боже да уживаат во свадбата. Не, нека бидат жртви на чинов, на безумнава традиција.
Трето, се враќа момичево дома. А веќе 6 и кусур месеци не е дома бре.
Се крие во детската соба, во царството на плишани мечиња и музички кутии и седи. Чека да ѝ ја урнат вратат и да биде „купена“.
Како некоја беспомошна, безгласна буква. Дали само јас чувствувам некој вид на понижување во сето ова?
Кое задоволство го наоѓате во оваа глупост? Дали сериозно ви е интересно? Што има тука традиционално, возбудливо, емотивно?
Мене ми е смешно, изнасилено, драма со многу лоша глума.
Како ја оправдувате оваа „света“ традиција, кога прво најосновната почетна традиција – да се влезе чист и невин во брак не ни е испочитувана на никој?
Како за некои традиции има простор, а другите ќе ги игнорираме и ќе се правиме наудрени? Нели сме од традиционалните?
Ајде ако не да ги вратиме црвените чаршафи на чардак и да ги развееме како доказ за невиноста на невестата – па традиција е!
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ ПРОЧИТАЈТЕ ГО НА CRNOBELO.COM